Разговорот заврши. Зошто постојано му се враќаш?
- Maja Mitrova S.

- 4 days ago
- 4 min read
Повеќето разговори завршуваат кога ќе се исклучи телефонот, ќе се затвори вратата или ќе престане пишувањето пораки. Но има разговори што продолжуваат да живеат во нас уште долго по последната кажана реченица и затворена врата. Се враќаат во мислите додека возиме, додека се тушираме или работиме нешто сосема друго. Најчесто навечер, кога конечно ќе се смири раздвиженоста од денот и ќе останеме сами со своите мисли.
И одеднаш како повторно да сме таму, во истиот разговор кој завршил, со истото чувство што сме го понеле со себе. Одговорите почнуваат да доаѓаат дури сега — еден по еден, задоцнети и не искажани. И тука улогата ја презема едно мало црвче кое почнува да си нагризува лево-десно создавајќи еден по друг одговор за ова, одговор за она.
Чудното чувство дека нешто останало недовршено
Ретко кој седи и свесно одлучува да анализира разговор со денови. Но ваквите мисловни дијалози, кои всушност се монолози бидејќи другиот овде нема право на глас, не се појавуваат без причина.
Можеби некој кажал нешто што заболело до срж. Можеби сме премолчиле, а сме сакале да зборуваме. Можеби сме се обиделе да објасниме нешто, а сме биле прекинати и сме се разделиле со чувство дека воопшто не сме биле разбрани и слушнати.
Однадвор разговорот завршил, но внатре, не баш. И токму тоа е причината поради која некои разговори продолжуваат да живеат многу подолго од самиот настан.
Зошто предоцна ни текнува што сме сакале да кажеме?
Ова е речиси универзално искуство. Во моментот не знаеме што да кажеме.
Подоцна имаме совршен одговор. Потоа уште подобар. И уште еден најдобар и се така во една низа која може да биде бескрајна.
Кога повторно го враќаме разговорот во глава, обично мислиме дека проблемот е во кажаните зборови. Но најчесто не се зборовите тие што остануваат. Останува чувството.
Она чувството дека некој не нè слушнал, не нè разбрал. Чувството дека не сме се заштитиле себеси и сме дозволиле повторно да се најдеме во иста ситуација.
Кога нешто е важно за нас, честопати прво реагираат чувствата, а дури потоа зборовите.
Кога сме безбедни, мирни и сами, конечно доаѓаат речениците што тогаш не успеале да излезат. И затоа продолжуваме да му се враќаме. Не затоа што сме опседнати. Туку затоа што нешто во нас сè уште се обидува да се изрази, да излезе од нас.
Понекогаш е доволна една мала реченица за да разбуди нешто многу постаро. Нешто што нема врска со тој разговор, но само разбудило реакција во нас.
И токму затоа не можеме едноставно да си кажеме: „Заборави.“ Да беше толку лесно, веќе ќе беше заборавен.
Понекогаш не станува збор за разговорот, туку за нешто подлабоко.
Ова е она што ретко некој го забележува. Понекогаш мислиме дека постојано размислуваме за една личност. За еден конфликт. За една порака. За еден разговор.
Но ако погледнеме подлабоко, можеби не станува збор само за тоа. Можеби разговорот само разбудил нешто што веќе било таму.
Можеби ни покажува колку често премолчуваме. Колку често се обидуваме да бидеме разбрани од луѓе кои не се подготвени да слушаат. Колку често остануваме во ситуации што одамна наместо мир ни носат немир.
Во такви моменти разговорот станува огледало. Не затоа што треба бескрајно да го анализираме. Туку затоа што можеби има нешто важно што треба да видиме за себе.
Што всушност не би требало да правиме, и што би можело да помогне?
Првата реакција на секој човек е обидот да престане да мисли на тоа и да се убедува дека не е важно. Но овде има два типа на луѓе: едните не успеваат, а другите кои успеваат испуштаат нешто важно и интересно!
За оние првите, колку повеќе се обидуваат да оттурнат нешто, толку почесто тоа се враќа. Понекогаш многу повеќе помага да му дадеме простор отколку отпор.
Да запишеме што навистина сме сакале да кажеме. Да признаеме како навистина сме се чувствувале. Да престанеме да се преправаме дека не нè погодило ако нè погодило.
Не затоа што треба повторно да го отвораме конфликтот. Туку затоа што понекогаш на мислата ѝ треба место каде што конечно ќе слета.
Мал експеримент

Ако постои разговор што постојано ти се враќа, земи лист хартија. Напиши:
Што навистина сакав да кажам? Не што требало да кажеш. Не што би звучело паметно. Не што би оставило подобар впечаток. Туку што навистина си сакал/а да кажеш. Без уредување. Без цензура. Без потреба некој друг да го прочита тоа.
Ако постојат разговори на кои постојано им се враќаш, зборови што останале неискажани или мисли што со денови вртат во круг, можеби не ти треба уште едно објаснување. Можеби ти треба простор каде конечно ќе можеш да ги слушнеш.
Токму од такви моменти започнува создавањето на Персонализираната соматска работна тетратка — водена според твојата приказна, твоите прашања и она што во моментот бара внимание.
Кога истиот тип разговори постојано се повторуваат
Ако ова не е првпат, вреди да се постават прашањата: Дали се работи за различни разговори? Дали чувството е истото, а ситуациите се различни?
Понекогаш луѓето се менуваат, околностите се менуваат, но реакцијата останува иста. Тогаш приказната повеќе не е за нив, туку станува за нас. За нашите граници. Не за да се обвинуваме, туку за да се разбереме малку подобро.
Навики кои ни отежнуваат
Ние сме научени да мислиме дека секоја приказна мора да има убав крај. Но животот не функционира секогаш така. Некои разговори никогаш нема да добијат совршен крај.
Некои луѓе никогаш нема да разберат што сакале да кажат туѓите зборови. И тоа е во ред.
Суштината е да откриеме што сакаме ние? Кој е одговорот кој одвнатре доаѓа и кое чувство го носи? И можеби токму таму почнува вистинското пуштање. Не кога ќе добиеме сè што сме посакувале од другата страна. Туку кога ќе престанеме да чекаме таа страна да ни го даде, а да го најдеме во себе она што навистина ни е потребно.
Разговорот можеби завршил. Но ако дел од него сè уште стои таму длабоко во тебе, можеби не бара уште една расправија. Можеби само бара да биде слушнат.
Зошто постојано размислувам за истиот разговор?
Кога разговорот оставил чувство дека нешто останало некажано или недовршено, умот може повторно да му се навраќа и долго по неговото завршување.
Нормално ли е да размислувам за расправија со денови?
Да — тоа е речиси универзално искуство. Кога чувствуваме дека не сме биле слушнати, разбрани, или дека не сме успеале да кажеме нешто важно, разговорот природно продолжува да живее во нас.
Како да престанам да му се навраќам на истиот разговор?
Наместо насила да го оттурнеш, понекогаш помага да запишеш она што останало некажано и да обрнеш внимание на чувството што се крие под мислите.




Comments